fbpx

Творилница 2 – Литературен клуб Струмица-презентации на авторски проекти

На 22 јуни повторно во Дом на АРМ Струмица беа презентирани авторските проекти на учесниците во „Творилница 2“.

Секоја од осумте работилници на свој креативен и автентичен начин се претстави преку драматизација, поезија, стрип, списание, еколошко – туристички водич. Во работилниците зедоа учество 11 наставници и повеќе од 40 ученици, а имаа можност проектите да ги презентираат пред бројна публика од родители, нивни другарчиња, роднини и пријатели. Изготвените проекти и нивното презентирање беше проследено и од регионалниот телевизиски канал ВИС од Струмица кој настанот го снимаше и во специјална детска емисија го презентираше во етер.

Првата работилница беше креирана од  учениците при ООУ ,,Видое Подгорецʻʻ – Струмица, под менторство на наставничката Верица Карагоцева, кои успееја да ја развеселат и разнежнат публиката со своите весели песнички и рецитали, а се потрудиле да изработат и видео презентација од нивната посета на фарма, каде одблиску се запознале со животните и каде успеале да ги слушнат нивните природни звуци, кои ги вметнале како ономатопејски во авторските песнички.

Втората работилница беше сработена од учениците при  ООУ ,,Маршал Титоʻʻ – Струмица, под менторство на наставничката Јулијана Ѓеоргиева, а истите пишуваа поезија на тема : ,,Животот во селоʻʻ, а исто така пред присутната публика се претставија со три различни презентации изработени од учениците.

Третата работилница изработена од учениците од ООУ ,,Никола Вапцаровʻʻ – Струмица, под менторство на наставничката Билјана Гунова се преставија со песни, цртежи, стрипови на тема : ,,Град – селоʻʻ. Впечатлива беше изложбата на стрипот од ученикот Филип Мицев, како и неговото објаснување што има престатвено и какво е неговото гледиште за животот на село и во град. Стрипот на ученикот беше изработен во црно – бела техника со туш, а компарацијата на различните средини беше уникатна.

Четвртата работилница на учениците од ООУ ,,Сандо Масевʻʻ – Струмица, под менторство на наставничката по македонски јазик, Љупка Кљанкова, беше презентирана во две етапи : првата – претставување на учениците преку презентација на нивните амбиции да творат, креираат, мислат креативно, а проектот токму тоа им го дозволил; втората – електронско списание со слоганот : ,,Ајде да откриеме нов детски светʻʻ, наменето за деца од 5 до 7 години. Младите новинари успеале да состават списание во кое има поезија за селото и другарството, пополнувалки со природни појави, појаснувања за годишните времиња, креативна математика со Марко и Марта, квиз за пронаоѓање соодветни еколошки поими, интерески факти за планетите, кирилицата, шарен експеримент со бонбончиња, запознавање на децата со парите и совети за нивните родители при воспитување за нивната вредност.

Петтата работилница, односно учениците од ООУ ,,Маршал Титоʻʻ – Струмица, под менторство на наставниците Ристо Обрадов, Ѓургица Костадиновска, Трајанка Колева, се преставија со краток филм на тема : ,,Хумористичен текстʻʻ. Краткиот филм, изработен од оваа група ученици и ментори, на интересен, комичен и доста реален начин го прикажа животот на младите во градот и оној на младите на село.

Видеото можете да го гледате на овој линк.

Шестата работилница на учениците при ООУ ,,Никола Вапцаровʻʻ – Струмица, а под менторство на наставничката Љопче Илиева на многу сладок и наивен начин, својствен за возраства на учениците, го прикажа животот на животните низ повеќе приказни и со хумористичен тон, преставени преку шарени и весели сликовници, кои содржеа многу цртежи и песнички.

Седмата работилница ја обработија учениците од ООУ ,,Видое Подгорецʻʻ – Струмица, под менторство на наставничките Луиза Малинова и Македонка Стоилова. Тие успееја пред присутните на вербален начин, преку поезија и проза да ги изнесат своите импресии од изминатата учебна година,  а исто така ја престатвија и нивната презентација која изобилуваше со текстови и фотографии од училишниот живот.

Осмата и последна работилница ја креираа ,,Вредните мравчињаʻʻ од ООУ ,,Видое Подгорецʻʻ – Колешино, под менторство на наставничката по македонски јазик Марија Брндевска. Тие пред публиката се претставија со маскотата Подгорко, изработен еколошки, туристички и историски водич од Подгоријана со песни, цртежи и гатанки  и со снимен видео материјал, на тема : ,,Волшебното царство на Подгоркоʻʻ. Во видеото беше прикажана маскотата Подгорко која ги воведува гледачите во големото царство Подгорија, составено од шест помали царства : Габрово, Колешино, Борисово, Мокриево, Мокрино и Смоларе. За секое царство Подгорко дава податоци преку предание за името на царството, места кои треба да се посетата, адети и обичаи и познати личности. Подгорко сите присутни ги почести со волшебните колачиња од волшебниот бренд на царството Колешино, ,,Sundayʻʻ на Kolid S Team.